Ако имате казна, нема да можете да излезете од државата: Се воведуваат нови правила во Грција

Грција наскоро ќе воведе нов, автоматизиран систем за контрола на сообраќајните прекршоци, кој ќе ги спречува странските државјани да ја напуштат земјата доколку имаат неплатени сообраќајни казни.

Според најавата од грчкото Министерство за дигитална управа, новиот систем директно ќе ја поврзе сообраќајната полиција со царинската служба.

Тоа значи дека при излез од земјата, на граничниот премин ќе се појават сите неплатени казни што се евидентирани на вашето возило или име, пренесува Nikana.gr.

Без разлика дали казната е изречена од полицијата на лице место, или сте снимени од новите сообраќајни камери — системот автоматски ќе ја евидентира прекршочната постапка. Така, ако камера во Солун го регистрира вашето возило додека прави прекршок, информацијата во истиот момент ќе биде достапна и на граничниот премин, пред да пристигнете таму.

Мерката ќе се применува автоматски, а излезот од земјата ќе биде блокиран сè додека долгот не се плати.

Грчките власти велат дека новиот систем е воведен поради големиот број неплатени казни. Имено, секоја година се издаваат сообраќајни казни во вредност меѓу 100 и 110 милиони евра, но се наплаќаат само околу 40 милиони.

Со новата мерка, целта е да се постигне праведна и ефикасна наплата, како и да се зголеми безбедноста во сообраќајот.