Во вториот круг од локалните избори, гласањето се одвива помеѓу двајцата кандидати кои во првиот круг освоија најмногу гласови. Градоначалник се избира оној кандидат кој ќе добие повеќе гласови од гласачите.
Според Изборниот законик, доколку и по вториот круг – од било кои причини – не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена по завршувањето на изборите ја известува Владата. Потоа, Владата во истиот рок именува повереник кој ќе ги извршува надлежностите на градоначалникот, сè до распишување на нови избори.
По именувањето на повереникот, Владата е должна најдоцна во рок од 15 дена да го извести претседателот на Собранието за да се распишат нови избори за градоначалник.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од гласањето ги објавува сукцесивно, по електронски пат, а резултатите добиени од општинските изборни комисии или од Изборната комисија на Град Скопје ги објавува во рок од 12 часа по завршувањето на изборниот ден.
Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш по нивното потврдување, а најдоцна во рок од 24 часа од денот кога стануваат конечни.