Албанија влегува во клучна фаза од пристапните преговори со Европската Унија, откако беше официјално потврдено дека следната меѓувладина конференција за отворање на кластерот поглавја „Зелена агенда“ ќе се одржи на 16 септември.
Овој чекор доаѓа откако земјата на 2 септември ја поднесе својата преговарачка позиција за оваа група поглавја.
Според медиумските извештаи, процесот на отворање на сите преговарачки поглавја за Тирана ќе биде заокружен на 2 октомври, кога е закажана и последната меѓувладина конференција на која ќе биде отворен кластерот „Земјоделство и кохезија“.
Со тоа, Албанија ќе ги има отворено сите шест групи поглавја. Досега се отворени четири клучни кластери: „Основи“, „Внатрешен пазар“, „Конкурентност и сеопфатен раст“ и „Надворешни односи“.
Како што оценуваат аналитичарите, иако отворањето на поглавјата претставува важен чекор, вистинскиот предизвик за земјата ќе биде нивното затворање, процес кој вклучува долги консултации и целосно усогласување на домашното законодавство со европското.
Амбицијата на албанската Влада е земјата да стане полноправна членка на ЕУ до 2030 година, додека комесарката за проширување, Марта Кос, изрази оптимизам дека тоа би можело да се случи дури и една година порано, во 2029 година.