Албанија ќе стане првата земја во светот со министерка создадена од вештачка интелигенција.
Новата министерка, наречена Диела, ќе биде 17-тиот член на владата „Рама4“, која премиерот Еди Рама ја претстави на седница на Националното собрание на Социјалистичката партија.
Според Рама, Диела – чието име на албански значи „Сонце“ – ќе биде задолжена за управување и доделување на сите јавни тендери, кои во моментов ги спроведуваат приватни компании.
„Диела е првиот член на кабинетот кој нема физичко присуство, туку е виртуелно креирана со вештачка интелигенција. Таа ќе гарантира дека јавните тендери ќе бидат целосно ослободени од корупција. Нема да може да биде поткупена, заплашена или заведена, бидејќи е бот генериран со вештачка интелигенција“, истакна Рама.
Тендерските постапки со години се сметаат за една од најголемите слабости на Албанија, а токму тоа е и пречка во евроинтегративниот процес кој Владата се надева да го заврши до 2030 година.
Иако властите ја промовираат Диела како решение за корупцијата, аналитичарите предупредуваат дека останува нејасно дали таа ќе биде под надзор на луѓе и како ќе се спречат можни злоупотреби или манипулации.
Диела беше претставена уште на почетокот на годинава како виртуелен асистент на платформата е-Албанија, преку која граѓаните добиваат државни услуги и документи.
Дел од јавноста со скепса ја пречека оваа новина. „Дури и Диела ќе стане корумпирана во Албанија“, напиша еден граѓанин на социјалните мрежи. „Кражбите ќе продолжат, а вината ќе ѝ ја префрлат на Диела“, додаде друг.
Конститутивната седница на новиот парламент, избран на 11 мај, е закажана за утре, а ден потоа Рама официјално ќе го достави составот на новата влада до претседателот на државата. По неговото одобрување, владата ќе биде изгласана во парламентот, каде социјалистите имаат стабилно мнозинство со 83 од 140 пратеници.