Недобивањето датум за преговори ќе има многу негативни последици и целосно ќе ги смени состојбите во државава и ќе се напуштат реформите, оценува Љупчо Петковски од Центарот за европски стратегии Евротинк. Тој вели дека власта која својата политика ја посвети на евроинтеграциските процеси и убедувања дека ќе ги почнеме преговорите, ќе доживее голем неуспех, ќе го изгуби легитимитетот, а со тоа широко ќе се отворат вратите за предвремени избори.
Што ќе значи новата методологија за почеток на преговорите што ја заговара Франција. Дали можеби е тоа алиби и начин да се попречи нашата земја за стартот на преговорите? Петковски вели дека засега нема конкретни информации, но според него тоа е повеќе за домашна употреба на Макрон за пред своите гласачи да го оправда зачленувањето на другите земји кои сега не ги почитуваат барањата на Европската унија.
Инаку од Евротинк денеска го презентираа најновото истражување во кое се покажува дека останува високата поддршка на граѓаните кон Европската унија, но се намалуваат очекувањата дека членството ќе биде брзо. 47,7 проценти очекуваат позитивен исход од Европскиот совет и дека ќе почнеме преговори. Анкетата покажува и дека и покрај тоа што Франција го доведува во прашање стартот на преговорите, сепак не ја чувствуваат како земја која е непријателски настроена кон нас. Последните условувања од Република Бугарија и донесоа прво место како земја која е најнепријателски расположена кон нас и од 0,3 проценти сега тој изнесува околу 28.
Инаку, анкетата покажува и дека најголеми поддржувачи за влез во Европската унија се етничките Албанци чија поддршка изнесува над 90 проценти, додека Македонците се со околу 70 проценти поддршка . Според анкетираните и нивната политичка ориентираност, најголема поддршка има од ДУИ и СДСМ со околу 90 процент. Околу 50 проценти од испитаниците кои се за ВМРО-ДПМНЕ се за влез во ЕУ. На прашањето кои се причините за нивната поддршка за ЕУ високи 73 проценти одговориле дека тоа е подобар животен стандард. Околу 43 проценти од испитаниците сметаат дека Европската унија има фер и пријателски однос кон нашава земја, додека 30 проценти велат дека е нефер и има потценувачки однос. Истражувањето е направено на репрезентативен примерок од илјада испитаници.