ДИК ги прогласи Локалните избори 2025 за официјално завршени

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на 157-та седница официјално ги прогласи Локалните избори 2025 за целосно и конечно завршени.

Со оваа одлука, ДИК го усвои заклучокот за конечност на резултатите од вториот круг на изборите за градоначалници на општините и на Град Скопје, како и заклучокот за завршување на изборниот процес за избор на членови на општинските совети, Советот на Град Скопје и градоначалниците.

Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, посочи дека денеска истекува законскиот рок за објавување на конечните резултати, откако вчера биле добиени и одлуките на Управниот суд, со кои се одбиени сите тужби и се потврдени претходните решенија на ДИК.

„Со објавувањето на конечните резултати од првиот круг на 19 октомври и вториот круг на 2 ноември 2025 година, Државната изборна комисија, согласно член 31 од Изборниот законик, информира дека локалните избори 2025 официјално завршуваат денес, на 12 ноември 2025 година,“ изјави Кондарко.

ДИК денеска го усвои и дополнувањето на заклучокот за конечност на резултатите од вториот круг на гласањето за избор на градоначалници во општините каде што беа поднесени приговори и тужби.

Според усвоеното, за градоначалници се избрани:

Јовица Илиевски (коалиција „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“) во Општина Брвеница,

Сотир Лукровски (коалиција „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“) во Општина Карпош,

Курто Дудуш (Унија на Роми) во Општина Шуто Оризари.

Кондарко соопшти и дека се објавени конечните резултати од прегласувањето на избирачките места 2961, 2962 и 2966 во Општина Шуто Оризари за избор на членови на Советот на општината.

Според конечните податоци:

Под реден број 4 на гласачкото ливче, Национална алијанса за интеграција (НАИ) добила 4 мандати,

Под број 7, коалицијата ВЛЕН добила 4 мандати,

Под број 9, коалицијата Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ добила 4 мандати,

Под број 11, Сојуз на Роми добил 1 мандат,

Под број 17, Унија на Роми добила 5 мандати,

Под број 24, Демократски сили на Ромите добиле 1 мандат.

Со ова, ДИК официјално го стави крајот на изборниот процес за локалните избори 2025 година.