По вчерашниот инцидент во Софија во кој македонски лекар прегази улично куче, Воено-медицинската академија (ВМА), каде што тој работи, соопшти дека додека трае истрагата д-р Ненад Цоневски нема да ги извршува своите службени должности.
Бугарската национална телевизија (БНТ) објави дека младиот доктор, кој во полицијата признал дека го прегазил кучето со ненамерен маневар, има вкупни казни за пребрзо возење во висина од 1.650 лева. Според законските одредби, доколку се утврди дека кучето — наречено Маја — било прегазено со намера и посебна суровост, сторителот може да биде казнет со затвор до осум години.
Порталот Lupa.bg пишува дека, по силните реакции и осуди на инцидентот, докторот бил исплашен и избегал од Бугарија.
Сепак, истовремено пристигнуваат и пораки на поддршка во негова одбрана.
Група граѓани преку отворено писмо до медиумите го опишуваат Цоневски како млад и посветен лекар кој својата професија ја извршува со исклучителна хуманост и одговорност. Во писмото се наведува дека трагичниот настан го сметаат за несреќен случај што би можел да се случи на секој возач и апелираат јавноста да се воздржи од навреди.
„Неправедно е ваков несреќен настан да се користи за јавна осуда и навреди кон човек кој целиот свој живот го посветил на помагање на другите,“ стои во писмото на групата „Поддршка за д-р Ненад Цоневски“.
Во писмото се потсетува и на придонесот на докторот во минатото — од помош по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани (транспорт на повредени, информирање на семејствата, донации на крв и финансиски средства за лекување на повредените деца во Бугарија). Авторите истакнуваат дека, иако имал голем придонес, тој од скромност никогаш не барал признание.
Поддршка доаѓа и од некои бугарски јавни личности кои, како што пишуваат, веруваат дека снимките ја прикажуваат ненамерната природа на настанот. Во една јавна реакција Иван Русинов наведува неколку забелешки од неговата перспектива: дека ударот бил со многу мала брзина; дека по ударот докторот слегол и го погледнал кучето (што, според него, не одговара на намера да се избега од местото); дека подоцна се обидел да го заобиколи кучето; и дека кучето се нашло под задниот мост на возилото, а не под задните гуми.
„Тоа е, имаме многу јасна случајност и искуство на докторот за да ја минимизира штетата. Нема ‘намера’ и злоба, нема причина да се сатанизира,“ пишува Русинов, додавајќи дека реакциите кои го демонизираат човекот се неприфатливи.