ДСЗИ: Нема лекарска грешка кај починатата пациентка Елена Ѓорѓиевска која се лекувала на Гастро и на Дигестивна хирургија

По вонредниот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не се утврдени неправилности во работењето на Клиниката за дигестивна хирургија и Клиниката за гастроентерохепатологија во случајот со починатата 37-годишна пациентка Елена Ѓорѓиевска. Инспекторите, сепак, побарале од Министерството за здравство да формира комисија за стручен надзор, која ќе треба да утврди дали имало пропусти во третманот и лекувањето.

Според извештајот на ДСЗИ, Ѓорѓиевска подолг период боледувала од автоимуно заболување и во текот на 2025 година била хоспитализирана во двете клиники во неколку наврати. Последната хоспитализација на Клиниката за дигестивна хирургија била од крајот на септември до почетокот на ноември, кога ѝ биле направени дијагностички испитувања, обезбедена терапија и извршени две хируршки интервенции. На 1 ноември 2025 година била отпуштена во добра општа состојба, со препораки за терапија и хигиенско-диететски режим.

Од Министерството за здравство потврдија дека е формирана комисија која ќе го истражи случајот, додека на Клиниката за дигестивна хирургија, директорот Огнен Костовски денеска свика стручен колегиум за разгледување на текот на лекувањето.

„Како директор, формирав и дисциплинска комисија која ќе го разгледа случајот со инволвираните колеги. Комисијата ќе ја води професор Реџеп Селмани“, изјави Костовски.

Семејството на починатата ја лоцира одговорноста кај хирургот Ѓорѓи Јота, кој ја оперирал Ѓорѓиевска, а потоа заминал во странство без да назначи лекар што ќе ја следи нејзината состојба по отпустот.

Доктор Јота, пак, негира дека направил лекарска грешка, нагласувајќи дека смртниот исход бил резултат на емболија која не можела да се предвиди.

„На почетокот одбив да ја оперирам, бидејќи требаше да патувам и не сакам да оперирам пациент пред патување, сакам да го следам до крај. Но, по барање на пациентката и семејството, сепак ја оперирав. Се работеше за едноставна операција, а потоа беше поставена сомнителна дијагноза за мултисистемска Кронова болест. По консултација со колегите беше дадена терапија, а јас заминав на конгрес во Америка, оставајќи ја кај друг специјалист“, изјави Јота.

Елена Ѓорѓиевска починала дома, осум часа по отпустот од болницата, каде што претходно ѝ биле направени две операции.