Два лека против згрутчување на крвта (антикоагуланси) од крајот на ноември годинава ќе може да се земаат на рецепт директно во аптека. Ова денеска го соопшти генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски.
Станува збор за лековите „Еноксапарин“ и „Надропарин“, кои досега беа на болничката позитивна листа. Ова значеше дека за домашно лекување, граѓаните прво мораа сами да ги купат, а потоа да ги користат процедурите за рефундација на средствата од Фондот.
„Граѓаните веќе не мора да се малтретираат по шалтерите на Фондот за да ги рефундираат средствата за овие лекови. Ќе има полесен пристап до лековите, а ние ќе имаме помал притисок за работа и ќе можеме да се концентрираме на други прашања. Значи, добивката е двојна“, изјави Клековски по брифингот со новинарите.
Тој додаде дека висината на партиципацијата за овие лекови, кои сега ќе се подигнуваат на рецепт од аптека, дополнително ќе биде утврдена.
Главен предизвик не е партиципацијата, туку доплатата
Клековски посочи дека ова е уште еден чекор во процесот на префрлување лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, најавувајќи дека ќе следуваат и нови вакви чекори.
„Веќе неколку пати најавив дека фокусот во оваа фаза се антикоагулансите, бидејќи третираат широк спектар на граѓани или пациенти кои имаат потреба“, рече тој.
Сепак, директорот на Фондот појасни дека главниот предизвик при вклучувањето на лековите на позитивната листа не е партиципацијата, која законски не изнесува повеќе од 10 проценти. Вистинскиот проблем, според него, е можната доплата која може да биде повеќекратно повисока.
Оваа доплата се должи на разликата меѓу референтната цена што ја плаќа Фондот и големопродажната цена со која лекот е регистриран за продажба во Македонија.
„Значи, напорот ни е за лековите кои ќе бидат на позитивната листа да нема доплата, или таа е регулирана однапред за да ги заштитиме пациентите од големи доплати“, потенцира Клековски.
Три фактори за раст на позитивната листа
Директорот на ФЗОМ истакна дека натамошниот раст на позитивната листа е поврзан со три клучни фактори:
- Појасни податоци за нивото на користење на лекот во Македонија, за да може ФЗОМ да ги пресмета финансиските ефекти од одлуките.
- Ставање во целосна функција на е-рецептот за акутни потреби, со што ќе се овозможи подобра контрола на употребата на лекови (финансиска и заштита од претерана употреба).
- Постигнување согласност за договорени цени за позитивната листа со фармацевтските компании.
„Ефектите на ова префрлување на позитивната листа се контролирани, бидејќи добар дел од овие лекови досега се издаваа во болниците и се рефундираа средствата. Вакви чекори ќе правиме и во иднина, со цел повеќе лекови кои се на болничка листа да бидат достапни во аптеките“, заклучи Клековски.