Двегодишно девојче починало вчера во болницата во Славонски Брод, најверојатно од последици на изгореници, пренесуваат хрватските медиуми.
Детето било донесено во болница без знаци на живот, реанимацијата започнала во возилото на итната помош, а продолжила и во болница, но безуспешно, јавува Н1 Загреб.
Полицијата и Државното обвинителство спроведуваат истрага, а наредена е и обдукција. Родителите на детето се уапсени.
Постои можност дека детето не било веднаш однесено во болница и дека повредите настанале еден ден претходно, јавува ХРТ.
„Во 8:40 часот, двегодишно девојче со возило на итната помош беше донесено во Итната служба на Општата болница ‘Др Јосип Бенчевиќ’ во Славонски Брод без витални знаци. Сè што можеше да се направи е да се продолжи со сите постапки предвидени со протоколите за вакви ситуации, но, за жал, заврши со трагичен исход“, изјави прим. д-р сц. Јосип Самарџиќ, директор на Општата болница „Др Јосип Бенчевиќ“ во Славонски Брод.
Полицијата од Бродско-посавската управа соопшти дека службениците од Врпоље синоќа во 8:37 часот примиле пријава за смрт на дете.
„Полициските службеници, во соработка со Жупаниското државно обвинителство во Славонски Брод, продолжуваат со спроведување истрага со цел утврдување на сите околности на настанот“, кратко соопшти полицијата, пренесува „Јутарњи“.