Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди дека Турција нема намера да се откаже од купување на одбранбени ракетни системи С-400 и истакна дека потоа би можела да ја разгледа можноста за купување на системот С-500.
Турција никогаш нема да се откаже од договорот за купување одбранбени ракетни системи С-400 од Русија, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Тоа е завршено. Не може да има враќање назад. Тоа не би било етично, не би било морално. Никој нема право да бара да се повлекуваме од нешто што сме го договориле“, порача Ердоган.
Вашингтон претходно во повеќе наврати предупреди дека набавката на системот С-400 од Русија би можела да ги загрози договорите од одбранбената индустрија меѓу сојузниците во НАТО, а неделава реши и да ја прекине повластената трговија со Турција.