На денешната прес-конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека економијата на државата се соочува со сериозен пад и дека Македонија се наоѓа на дното во регионот според повеќето клучни економски показатели.
„Имаме најниска минимална и просечна плата во регионот, без изгледи за раст. Истовремено, бележиме највисока инфлација од 4,5% и најнизок проектиран економски раст според Светската банка, кој дополнително се поништува од инфлацијата. Сето тоа јасно укажува дека оваа влада ја турка државата кон економски амбис,“ изјави Филипче.
Тој нагласи дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од лошите економски политики, кои, според него, се одразуваат и во новиот буџет што наскоро ќе биде презентиран во Собранието. Филипче го оцени буџетот како потрошувачки и без вистинска развојна насока.
„Дефицитот од 3,5% од БДП, кој е и спротивен на законските одредби, како и проектираните приходи што служат само за негово покривање, а не за економски раст, покажуваат дека буџетот нема развојна компонента. Дури и ако се реализира проектираниот раст на БДП од 3,8%, тоа нема да донесе вистински напредок. Во документот нема ниту една ставка што укажува на капитални инвестиции или на проекти кои би генерирале дополнителен раст,“ истакна претседателот на СДСМ.