Денеска завршува двонеделната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025, кои ќе се одржат в недела, на 2 ноември. Точно на полноќ започнува изборниот молк, кој ќе трае сè до затворањето на гласачките места во недела во 19 часот.
Во вториот круг, градоначалници ќе се избираат во 32 општини и во Градот Скопје. Дополнително, ќе има прегласување за членови на Совет на три избирачки места во Општина Шуто Оризари.
Во сабота (1 ноември), во општините каде што има втор круг, традиционално први ќе гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и лицата во домашен притвор, чии пријави се уредно прифатени од општинските изборни комисии.
Завршни политички активности
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Скопје го одржа својот завршен митинг. На него се обратија премиерот и претседател на владејачката партија, Христијан Мицкоски, и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Мицкоски порача дека скопјани испратиле порака во првиот круг, „а во вториот круг победата ќе ја направиме историска – не само заради успехот, туку и заради почетокот кој таа ќе го означи“. Тој побара граѓаните да се обединат и да ги надминат поделбите по секаква основа.
Ѓорѓиевски ги повика граѓаните на главниот град в недела масовно да излезат и да испратат порака дека Скопје „избира работа и човек кој знае, умее и им покажал како се сака својот град“.
За денеска, Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија најави мини митинг на кој е најавено обраќање на премиерот Мицкоски, кандидатот за градоначалник на Град Скопје Ѓорѓиевски и кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, најави завршна прес-конференција пред неделното гласање.
Клучните трки во Скопје и низ државата
Во Градот Скопје, 474.304 гласачи ќе одлучуваат меѓу Орце Ѓорѓиевски (поддржан од ВМРО-ДПМНЕ) и Амар Мециновиќ (Левица).
Во скопските општини:
- Карпош (56.856 гласачи): Стевче Јакимовски (актуелен градоначалник) против Сотир Лукровски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Аеродром (68.772 гласачи): Дејан Митески (ВМРО-ДПМНЕ) против Александар Трајановски.
- Центар (44.109 гласачи): Мирослав Лабудовиќ (ЗНАМ) против Горан Герасимовски (СДСМ).
- Шуто Оризари (23.893 гласачи): Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ) против Курто Дудуш (Унија на Ромите).
Втор круг ќе се одржи и во:
- Боговиње (29.088 гласачи): Бесник Емши (НАИ) против Фети Абази (Влен).
- Брвеница (16.150 гласачи): Хаќим Рамадани (Влен) против Јовица Илиевски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Валандово (9.846 гласачи): Перо Костадинов (СДСМ) против Ѓоко Камчев (ВМРО-ДПМНЕ).
- Виница (17.060 гласачи): Гоце Милевски (СДСМ) против Митко Костадиновски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Дебар (19.763 гласачи): Фисник Меља (Влен) против Рамадан Имери (Група избирачи).
- Дебрца (3.937 гласачи): Златко Силјановски (ВМРО-ДПМНЕ) против Зоран Ногачески (Група избирачи).
- Демир Капија (3.186 гласачи): Лазар Петров (СДСМ) против Борчо Коцев (ВМРО-ДПМНЕ).
- Кичево (51.016 гласачи): Фатмир Дехари (НАИ) против Александар Јовановски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Конче (2.716 гласачи): Благој Илиев (СДСМ) против Златко Ристов (ВМРО-ДПМНЕ).
- Кочани (32.503 гласачи): Влатко Грозданов (ВМРО-ДПМНЕ) против Венко Кртевски (Група избирачи).
- Крушево (7.774 гласачи): Томе Христовски (СДСМ) против Нико Чонески (ВМРО-ДПМНЕ).
- Куманово (94.041 гласачи): Максим Димитриевски (ЗНАМ) против Горан Стојковски-Диро (Група избирачи).
- Лозово (1.905 гласачи): Ацо Велковски (СДСМ) против Бошко Цветковски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Македонска Каменица (6.650 гласачи): Соња Стаменкова (СДСМ) против Димчо Атанасоски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Неготино (15.920 гласачи): Петар Мантев (СДСМ) против Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ).
- Пробиштип (12.251 гласачи): Драган Атанасов (СДСМ) против Тони Тоневски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Ранковце (2.921 гласачи): Даниел Крстевски (СДСМ) против Даниел Павловски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Росоман (3.297 гласачи): Стојан Николов (СДСМ) против Ѓорѓи Крстевски (ВМРО-ДПМНЕ).
- Струга (62.711 гласачи): Арсим Даљипи (НАИ) против Менди Ќура (Група избирачи).
- Студеничани (17.946 гласачи): Ејуп Абази (НАИ) против Азем Садики (Група избирачи).
- Тетово (87.878 гласачи): Бајрам Реџепи (НАИ) против Биљал Касами (Вреди).
- Чешиново Облешево (5.068 гласачи): Горанчо Крстев (СДСМ) против Јорданче Костадинов (ВМРО-ДПМНЕ).
- Чучер Сандево (8.854 гласачи): Сашко Комненовиќ (СДСМ) против Зоран Бајовски (ВМРО-ДПМНЕ).
Специфични случаи и општини без гласање
Во општините Македонски Брод и Могила ќе има гласање иако независните кандидати Милосим Војнески и Сашо Пивковски се откажаа од трката. Од ДИК потврдија дека ливчињата се испечатени и постапката мора да продолжи.
Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово в недела нема да се гласа, бидејќи во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус за излезност. За овие општини ќе се организира нова постапка за избор на градоначалници по завршувањето на овој изборен процес.
Во првиот круг беа избрани советници во 79 општини и Градот Скопје, како и градоначалници во 44 општини.