ФОТО 100 денари еспресо, 550 денари пица – ова се цените летово во Црна Гора

Петровац, едно од најпосетуваните туристички места на црногорското приморје, ова лето повторно е под лупа на туристите – не само поради плажите и хотелите, туку и поради цените во рестораните и кафулињата.

Менито во познатите локали покажува дека класична пица „Маргарита“ чини околу 9,80 евра, додека „Капричоза“ или „Диавола“ се движат од 10,50 до 12 евра. За љубителите на паста, цената изнесува околу 16 евра, а лазањата се нудат по 11 до 13 евра.

Морските специјалитети се значително поскапи. На пример, јастогот се наплаќа 250 евра по килограм, а обичната порција риба на скара изнесува меѓу 20 и 23 евра. Стек од туна се нуди за 23 евра, додека специјалитетите со октопод или каламари чинат меѓу 18 и 24 евра.

Од другата страна, туристите имаат избор и на посовремени јадења – бургери за 12 до 16 евра, како и свежи салати кои се движат од 10 до 16 евра.

Што се однесува до пијалоците, коктелите во модерните барови чинат просечно 9,50 до 12 евра, при што најскапи се специјалитетите како „Insomniac“ (12 евра) или „Rosemary Spritz“ (11 евра).

Иако цените се значително повисоки од просекот во Црна Гора, Петровац останува атрактивна дестинација за туристите, особено за оние кои се подготвени да издвојат повеќе пари за гастрономско искуство во комбинација со поглед кон морето.

Туристите кои ова лето ќе одлучат да одморат во Сутоморе ќе бидат пријатно изненадени од фактот дека цените во угостителските објекти се нешто пониски во споредба со соседниот Петровац.

Во понудата на рестораните и кафулињата, сендвичите чинат од 3,50 до 5,20 евра, додека цената на пиците се движи меѓу 9 и 10 евра. Слични се и цените на пастата, која исто така се нуди по 9 до 10 евра.

Љубителите на полесни оброци можат да изберат салати, чии цени изнесуваат од 7 до 10 евра. Главните јадења, пак, се движат во рамки од 9 до 10 евра, што е прифатливо за еден туристички центар на црногорското приморје.

Кога станува збор за пијалоците, кафето и безалкохолните или алкохолните пијалаци, нивната цена варира од 1,70 до 10 евра, зависно од изборот и локацијата.

Со оглед на понуденото, Сутоморе останува една од попристапните дестинации за туристите кои сакаат да уживаат во морето и гастрономијата без да потрошат премногу средства.