Сонот на Новак Ѓоковиќ за нова титула на УС Опен заврши во полуфиналето, каде што 38-годишниот српски ас беше убедливо поразен од младиот Карлос Алкараз со 3:0 во сетови (6-4, 7-6, 6-2). И покрај поразот, во изјавата по мечот, Ѓоковиќ ја остави отворена вратата за својата иднина, ставајќи посебен акцент на емотивната желба повторно да заигра за репрезентацијата на Србија.
Во текот на целиот меч, Алкараз наметна силен ритам кој Ѓоковиќ не успеа да го следи. Шпанецот доминираше со физичка подготвеност и тактичка зрелост, не дозволувајќи му на својот поискусен противник да ја преземе контролата.
На прашањето за неговите идни планови, Ѓоковиќ призна дека е уморен од долгорочно планирање и дека нема да носи избрзани одлуки. Тој откри дека сега се чувствува подобро отколку по поразот на Вимблдон, кога сериозно размислувал за повлекување.
„Не сакам да заземам цврст став, едноставно сум уморен од планирање. Сакам да го почувствувам моето тело и волја, а потоа да видам каде ќе играм“, изјави Ѓоковиќ.
Сепак, тој беше дециден во врска со една желба – да го облече дресот на Србија уште барем еднаш пред домашните навивачи.
„Задоволство и привилегија е да ја делам соблекувалната со играчи кои се мои пријатели. Се радувам што ќе играм дома. Освен Грција и Пионир, не сум играл дома седум години, ми недостига тоа. Би сакал да имам барем уште една можност да го носам дресот на Србија пред нашите навивачи“, порача Ѓоковиќ, изразувајќи надеж дека неговиот тим ќе ја помине Турција во претстојниот дуел.