Голема заплена на македонска граница, дрогата била скриена во 14 торби во камион

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против српски државјанин, кој е осомничен за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 29 октомври на граничниот премин Табановце. Осомничениот, управувајќи камион со полуприколка (ладилник) со словенечки регистарски ознаки, се обидел да пренесе огромна количина наркотична дрога.

При контрола на возилото, царинските службеници пронашле вкупно 129,7 килограми марихуана.

Дрогата била спакувана во 14 торби, кои биле скриени во камионот. Возилото е во сопственост на превозна компанија од Словенија.

Поради сериозноста на кривичното дело и опасноста од бегство, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово веднаш доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.