Поради оштетување на подморничките кабли во Црвеното Море, телекомуникациите меѓу Азија, Европа и Блискиот Исток беа прекинати, па провајдерите пренасочија најмалку една четвртина од сообраќајот, вклучително и интернет-врските – јавува денеска Си-Ен-Ен.
Не е познато како се „скршени“ каблите во сопственост на четирите големи телекомуникациски мрежи, што доведе до „значајни“ прекини во комуникацијата на Блискиот исток – соопшти телекомуникациската компанија „HGC Global Communications“ од Хонг Конг.
Меѓу мрежите што настрадаа беа Азија-Африка-Европа 1 – кабелскиот систем долг 25.000 километри што ја поврзува Југоисточна Азија со Европа преку Египет.
Беше погоден и „Europe-India Gateway“ (EIG), кабелски систем што ги поврзува Европа, Блискиот Исток и Индија, и неговиот инвеститор „Водафон“.
Според проценката на HGC, 25 отсто од сообраќајот меѓу Азија и Европа и Блискиот Исток бил погоден.
Компанијата соопшти дека го пренасочува сообраќајот и им помага на бизнисите.
Поставувањето на многу такви кабли во последните години го финансираа интернет гигантите Гугл, Мајкрософт, Амазон и Мета.
Земјотресот во Тајван во 2006 година предизвика голема штета на кабелот, прекинувајќи ги интернет-врските.
Уништувањето на каблите на дното на Црвеното Море се случи неколку недели откако официјалната влада на Јемен предупреди дека бунтовниците Хути – кои го држат крајниот запад од земјата – исто така може да ги погодат каблите.
Хутите, кои се поддржани од Иран, напаѓаат товарни бродови во Аденскиот Залив и Црвеното Море со ракети и беспилотни летала, така што дел од тој бродски сообраќај меѓу Индискиот Океан и Медитеранот е пренасочен на многу подолга рута околу целата африкански континент.
Израелскиот интернет-медиум Gloubs минатата недела укажа на можноста Хутите да ги оштетат каблите.
Лидерот на Движењето Хути, Абдел Малек-Ал Хути, тврди дека тоа не е вистина. „Немаме намера да ги нападнеме подморските кабли кои обезбедуваат интернет на земјите од регионот“, најави тој.
Владата на Јемен ги обвини американските и британските воени сили кои оперираат во регионот за оштетување на каблите – пишува во извештајот што во саботата го објави државната новинска агенција на Јемен. Засега нема коментари за тоа.