Градоначалникот на Истанбул е обвинет за 142 кривични дела што можат да му донесат 2.000 години затвор

Обвинителите во Турција поднеле обвинение против затворениот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, за 142 кривични дела кои можат да донесат казна од стотици години затвор.

Обвинението поднесено во вторник, кое има речиси 4.000 страници, го товари опозицискиот политичар, уапсен на 19 март, за кривични дела вклучувајќи водење на криминална организација, поткуп, проневера, перење пари, изнуда и наместување на тендери.

Државната новинска агенција Анадолија наведе дека обвинителите ќе бараат казни затвор кои би можеле да достигнат и до 2.430 години затвор доколку биде прогласен за виновен. Лидерот на опозицијата во Турција изјави дека обвиненијата се насочени кон спречување на Имамоглу да се кандидира за претседател на изборите во 2028 година.

– Овој случај не е правен, туку целосно политички. Неговата цел е да се запре Републиканската народна партија (CHP), која беше прва на последните локални избори, и да се блокира нејзиниот кандидат за претседател – напиша Озгур Озел на X.

Апсењето на Имамоглу, главниот политички ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, предизвика гнев во CHP и поттикна протести низ Турција. Тоа беше најголемиот уличен немир во земјата од 2013 година. Имамоглу се соочува со обвиненија кои вклучуваат шпионажа и фалсификување на универзитетска диплома, што би можело да го дисквалификува од претседателската трка.

Според обвинението, кое опфаќа 402 осомничени, Имамоглу наводно ја предводел криминалната мрежа над која имал влијание „како октопод“.

Во обраќањето пред парламентот во вторник, Озел изјави дека Имамоглу ќе биде кандидат на партијата на следните претседателски избори.

– Може ли некој истовремено да биде изборен измамник, да има фалсификувана диплома, да биде крадец, терорист и шпион? Ако обвините невина личност за само едно од овие дела, тоа би било голема неправда. Но кога сето тоа се става на една личност, тоа е голем криминал… Неговиот единствен криминал е кандидатурата за претседател на оваа земја – рече тој.

Исто така, во обвинението, обвинителите навеле дека поднеле документи до Врховниот апелационен суд против CHP, што, според набљудувачите, би можело да отвори пат за затворање на партијата.

Во посебно соопштение, обвинителството од Истанбул потврди дека го известило судот за одредени неправилности, но ги негираше извештаите дека бара затворање на партијата.

CHP е под сѐ поголем притисок откако на локалните избори во март 2024 година ја освои контролата над најголемите градови во Турција. Шеснаесет негови градоначалници од тогаш се затворени.