ХАОС ВО НОВИ САД: Масовен протест заврши со солзавец, повредени и уапсени – Вучиќ ја пофали полицијата

Улиците на Нови Сад синоќа беа сцена на хаотични случувања откако големиот граѓански протест „Србија, дали се слушаме?“ ескалираше во жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Драматичната ноќ резултираше со голем број повредени граѓани, употреба на солзавец, повеќе приведени, како и 13 повредени полицајци, додека српскиот претседател Александар Вучиќ изрази задоволство од полициската интервенција.

Илјадници граѓани се собраа на покана на студентите пред зградата на Филозофскиот факултет, која веќе десет дена е заземена од, како што ги нарекуваат, „лојалисти на Вучиќ“. Тензиите ескалираа кога дојде до тепачка меѓу неколку маскирани лица и полициските сили, по што следуваше силен и масовен одговор од полицијата. Според извештаите на „Н1“, полицијата употребила хемиски средства и ги потиснала демонстрантите, при што биле повредени голем број граѓани.

За да се засолнат од големото количество солзавец, дел од студентите и граѓаните влегле во зградата на Ректоратот, потврди за „Н1“ професорот Норберт Шинковиќ. Ова доведе до повеќечасовна тензична состојба, која заврши откако полицијата, по 2:30 часот наутро, почна да ги пропушта луѓето надвор во групи. Неколку студенти беа приведени и со полициски возила однесени во станица, а уапсен е и лекар кој бил дел од медицинскиот тим на студентите.

Власта излезе со свој биланс на насилството. Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, соопшти дека се повредени 13 полицајци и оштетени 18 полициски возила. Претседателот Александар Вучиќ, пак, изјави дека е задоволен од реакцијата на полицијата во текот на синоќешните немири.