И по операцијата на кила на тестиси, осудениот Мифтари од „Дурмо турс“ се уште не се јавил во „Идризово“

Еден од осудените за тешката автобуска несреќа кај Ласкарци, Ремзи Мифтари, кој доби казна затвор од 10 години, не се јави на издржување на казната во затворот „Идризово“.

„Во петокот, на 7 ноември, затворот ‘Идризово’ испрати известување до судијата за извршување санкции во Основниот суд Гостивар дека правосилно осудениот Ремзи Мифтари не се јавил во предвидениот рок. Доколку судот го има добиено известувањето, следен чекор е наредба за присилно спроведување на лицето во затворот“, изјави директорот Зоран Јовановски за СДК.МК.

И Мифтари и сопственикот на превозникот „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, кои добија по 10 години затвор, подолго време го одлагаат почетокот на издржувањето на казната поради здравствени причини односно добиле кила на тестиси, па истовремено отишле и на операција.

Белули има рок од уште една недела да се јави во затвор, додека Мифтари веќе го пречекорил дадениот рок.