Животот во Македонија години наназад е многу скап, а умирачката стана уште поскапа. Во земја во која 600.000 граѓани живеат недостоинствено и едвај крпат месец за месец, умирањето стана уште понедостоинствено, односно гледајќи ги цените на препродавачите на гробни места, смртта стана огромен луксуз.
Самата тема за вечното почивалиште на покојните роднини сама по себе е морбидна затоа што најблиските во тагувањето не расудуваат разумно, а уште поморбидно е што некои луѓе сакаат да заработат на маката на ожалостените луѓе кои мора да отплаќаат кредит за да купат гробно место и да обезбедат пристоен погреб.
На најголемите страници за огласи на интернет во Македонија може да се најдат десетици понуди за гробни места на гробиштата Бутел во Скопје, но и ширум Македонија, што за продавање што за изнајмување и цените достигнуваат од 2500 до 5000 евра!
„Продавам гробно место во Бутел, во близина на Борис Трајковски. Гробното место е добро сочувано и се наоѓа веднаш до асфалтирана патека. Цена 2.500 евра“, „Се продава гробно место во Бутел со документи. Цена по договор“,
„Се отстапува право за користење на гробно место во Бутел, на убаво место во близина на главна влезна капија. Гробното место има вертикална гранитна плоча, износ на отстапнината е 2000 евра“,
„Итно! Се продава гробно место-Гробишта Бутел(во православниот дел) ,Гробот е поплочен со мермер. Цена по договор“, „Продавам гробно место во Бутел во парцела на заслужни граѓани“
„Продавам гробно место во Бутел, близу до влезната капија (околу 200м до првата чешма), близу до алејата на великаните. Цената не фиксна“.
„Продавам гробно место на православните гробишта во Ѓорче Петров, комплет со гранитен надгробен споменик и мермерен тротоар и вазни, на премиум локација – прв ред, веднаш спроти капелата. Цена: 4500 ЕУР“, се само дел од огласите за продавање или изнајмување на гробни места.

Со гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров стопанисува и раководи акционерското друштво за погребни и придружни активности АД Бутел кое во својот ценовник за гробни места има далеку пониски цени од оние кои сопствениците ги продаваат на интернет. Гробно место чини 200 евра преку АД Бутел, а граѓаните ги продаваат за десеткратно повисока сума.
„Цената на ново гробно место е 11.824 денари и во таа цена влегува односно е збир од надоместок за доделување ново гробно место со бетонски фундамент 10.400 денари, надоместок за обележување и изработка на протокол за регулациска, градежна и нивелациска линија 354 денари, гробна евиденција 750 денари и надомест за одржување на гробиштата 320 денари“, стои во објаснувањето на АД Бутел.
АД Бутел на градските гробишта во Бутел продава гробни места за припадници на различни религии, лица без верска припадност, војници, починати во масовни катастрофи, анонимни, заслужни граѓани или истакнати личности.
Погребувањето стана луксуз поради недостиг на парцели, а најчесто гробните места на православните гробишта ги продаваат граѓани што се иселени од земјава или имаат неколку гробни места.
За среќа во Македонија се уште не почнала да делува таканаречената гробарска мафија каква што функционира во Србија, односно во Белград каде што продажба на „супер локација“ чини 40.000 евра. Купувачите не прашуваат за цена. Во гробовите тие не погребуваат мртовец туку тука складираат дрога како сигурна локација. Исто така, наместо купување можно е да се изнајми гроб за истата намена а тоа чини 7.000 евра годишно.