Додека траеше протестот пред претседателската зграда и демонстрантите не му дозволуваа да ја напушти, Александар Вучиќ со министерот за внатрешни работи објави фотографија на твитер налогот како играат шах. До фотографијата стоеше текст: Краток одмор пред попладневните активности. Србија, храбра и чесна, секогаш го победува насилството.
Но, пред партијата шах, Вучиќ на вонредната прес конференција мораше да го дообјаснува министерот Небојша Стефановиќ, кој синоќа рече дека демонстрантите му се восхитуваат и одат по „Македонско сценарио“ алудирајќи на упадот во Собранието од 27 април 2017 година. Вучиќ западните земји и нивните амбасадори ги обвини за двојни аршини, со споредување на 27 април во македонското собрание и синоеќшниот упад во државната телевизија на Србија.
-Како е можно западните амбасадори не го осудија ова, а истата секунда го осудија, она на кои не им се допаѓа, упадот во македонските институции. Па, големиот пријател на тајкуните Јеремиќ и Џилас, Зоран Заев, се пофалија како го осудија министерот за внатрешни работи Чавков на 18 години затвор затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во Парламентот. По тој принцип, можеби ние можеме да размислуваме за одговорност на Небојша Стефановиќ бидејќи го пуштил фашистот Обрадовиќ и тајкунот Џилас да влезат внатре. Но, сметам дека Небојша мислел дека има работа со одговорни луѓе и дека такво нешто нема да им падне на памет – изјави Вучиќ.
На синоќешната вонредна седница, министерот за внатрешни работи Стефановиќ, изјави дека демонстрантите во Белград му се восхитуваат на „македонското сценарио“ и дека се обидуваат тоа да го направат и во Србија.
Протестите под името „Еден од пет милиони“ траат веќе три месеци. Демонстрантите бараат оставка од владата, но и претседателот Александар Вучиќ, чија партија владее во Србија. Синоќа демонстрантите упаднаа во Националната телевизија и бараа да им се дозволи во живо да се обратат на јавноста. Наместо тоа, беа исфрлени од полцијата. За властите ова е насилство кое нема да се толерира и сите ќе одговараат кривично, додека за учесниците на протестите е борба за слободни медиуми и демократија.