Познатиот актер Кит Харингтон, најпознат по улогата на Џон Сноу во серијата „Игра на престоли“, долги години се бори со алкохолизмот.
Тој за „Сандеј Тајмс“ вели дека тешко се справувал со славата и имал потешки проблеми со психичкото здравје.
„Работите што ми се случија по завршувањето на серијата, а и за време на снимањето, беа доста трауматични по природа и вклучуваа многу алкохол… Поминав периоди на вистинска депресија каде што посакав да правам секакви работи“, посочува актерот.
Понекогаш, тој се сметал себеси за ужасна личност и размислувал да си го одземе животот, но никој не знаел за неговата зависност од алкохол.
Харингтон имал медицински третман во американската сојузна држава Конектикат, за што плаќал 95.000 фунти месечно, а многу од неговите пријатели и семејството, додава тој, биле изненадени кога дознале дека оди на рехабилитација.
Но, сега актерот не пие алкохол веќе две и пол години, а најважната лекција што ја научил е дека човекот може да се промени.
„Луѓето обично велат „волкот крзното го менува, но не и наравот”, но вистината е сосем поинаква. Тоа е, всушност, најубавото од се. Тоа е она што ме одржуваше. Можно е да се направат големи и радикални промени во нашиот живот и начинот како минуваме низ тоа“, заклучува тој.