Конфузен старт на учебната година, дел од училиштата отворени, дел од децата вратени дома

Конфузен старт на учебната година. Дел од училиштата и наставниците работеа со полн капацитет, дел беа затворени со натписи ШТРАЈК, дел пак ги примаа само оние деца чии родители немале кој да ги чува.

Училиштето Лазо Ангеловски во скопски Аеродром во чија посета утринава дојде министерот Адеми, имаше отворени врати. Само 9 наставници се приклучиле на повикот на СОНК за штрајк. Останатите го одбележаа првиот училишен ден.

-Просторија за штрајк е обезбедена, меѓутоа во моментов не гледам некој што е заинтересиран за штрајкот, има многу-многу мал број. Ако е до мене никогаш не е доста. Меѓутоа, во моментот тоа е тоа, други одлучуваат, рече директорот Перо Арсеновски.

Во „Димитар Македонски“ поинаква слика. Беа примени само првачињата за кусо добредојде, а потоа училиштето беше затворено за деца. Во ова училиште кое го следеше повикот на СОНК дојде и синдикалниот лидер.

Во Ѓорѓија Пулески каде вчера децата беа повикани на настава утрово беа згрижени само оние чии родители реагираа на ненадејната одлука мнозинството наставници да се приклучат на штрајкот.

Конфузијата во целата ситуација со штрајкот на СОНК ги збуни родителите, но и децата. Малкуте деца кои денеска беа во училишните клупи беа примени од наставниците кои не се членови на СОНК и не штрајкуваа.

Родителите велат дека децата мора да одат на училиште, но го поддржуваат протестот на просветарите.

Министерот за образование и лидерот на СОНК и денеска различно го оценија штрајкот. За Адеми овој потег бил непотребен.

-Знам дека во добар дел од училиштата наставата се одвива најнормално. Се организира првиот училишен ден на најнормален начин. Нема причина за организирање на штрајк. Штрајк се организира кога нема решение. Ние нудиме решение и имаме решение и се движиме во добар правец, рече министерот за образование, Арбр Адеми.

Претседателот на СОНК изрази задоволство од опфатот на штрајкот и повтори дека ако платите на наставниците не пораснат за дополнителни 20 проценти, генералниот штрајк ќе биде неизбежна опција.

-Се почитува одлуката на Советот на СОНК да се пристапи кон предупредувачки штрајк. Доколку минималната плата се зголеми повеќе од сега, тогаш апсолутно ние ќе продолжиме со подигнување на нашиот процент за усогласување врз основа на минималната плата. Не од тоа што ние сакаме така, туку Законот тоа така го третира и ние се придржуваме по Законот. За таа цел бараме и социјалниот партнер, Владата, да го испочитува Законот за да не дојдеме до незгодна ситуација да мораме по правен пат да си ги бараме нашите права, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Просветарите даваат нова шанса на преговорите со владата до крајот на септември. Од утре наставата во сите училишта ќе се одвива нормално.

Фото за вовед: 
Категорија: 
Новинар: 

Извор: Сител телевизија

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното