Левица обвинува за судир на интереси во МРТВ: Тендер добил обвинет во „Делчевски ниви“, партнер на висок функционер во јавниот сервис

Политичката партија Левица објави нови обвинувања за судир на интереси и коруптивни практики во јавниот сервис МРТВ, поврзани со случајот „Делчевски ниви“. Според партијата, фирма на едно од обвинетите лица добила тендер од МРТВ, каде што, како што велат, на висока позиција се наоѓа негов бизнис партнер кој е исто така обвинет во истиот предмет.

Станува збор за фирмата „АЛ ДАРИВ Дооел Пехчево“, во сопственост на Дарко Ќурчиски, кој во 2023 година добил тендер вреден 600.000 денари за набавка на прозори. Ќурчиски е обвинет во случајот „Делчевски ниви“, заедно со Орце Тодоровски – кој, според Левица, има раководна функција во МРТВ и бил бизнис партнер на Ќурчиски во повеќе наврати, вклучително и во бензинската пумпа „ОИЛ ДЕ“ во Делчево.

Партијата бара од Јавното обвинителство и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да одговорат дали ќе биде покрената постапка за судир на интереси и евентуално кривично дело. Според Левица, „јавниот сервис се користи како алатка за пренасочување државни пари кон блиски лица на партиите на власт“.

Во соопштението се обвинува и дека случајот „Делчевски ниви“ бил затворен под сомнителни околности, со изменет исказ на сведок од ЕВН, за кого, како што тврдат, постојат индиции дека бил поставен од СДСМ. Левица смета дека станува збор за „договор меѓу двете криминални партии – ДПМНЕ и СДС“.

Според нив, МРТВ останува под контрола на партиски структури, предводени од директорот Марјан Цветковски, кој е на таа функција од 2012 година.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното