Мицкоски: ФЗО го врати интегритетот и ја врати довербата на граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски денес се обрати на одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), истакнувајќи ја важноста на институцијата како столб на јавното здравство и партнер во реформите.

„ФЗО не е само администратор на фондови, туку градител, чувар на стабилноста и двигател на реформите. Денес, ФЗО функционира со јасни правила, транспарентно управување и со ревидирани процедури, и го врати својот интегритет со работа, ред и дисциплина“, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека кога Владата ја презела одговорноста за здравствениот систем, истиот бил во целосна деградација – со недостиг на кадар, нефункционални установи, недоволна опрема и долги листи на чекање. „Наместо тоа да биде изговор, го претворивме во мотив“, истакна Мицкоски.

Во рамките на инфраструктурните инвестиции, Владата обезбедила реконструкција и модернизација на операционите сали во ГОБ „8 Септември“, изградба на нова амбуланта во Петровец и технолошки обнови во болници низ целата држава.

„Ова се домови на здравјето, места каде секој граѓанин има право на достоинствен и современ третман“, додаде премиерот.

Мицкоски ја нагласи и кадровската политика на Владата, со префрлување на 1.500 договорци на сигурни работни места, вработување на 300 од 600 нови специјализанти и долгорочен договор за раст на платите во јавното здравство до 2028 година.

„Ова не е трошок, туку инвестиција во луѓето, срцето на здравството“, подвлече премиерот.

Владата обезбедила и историски најголем буџет за ФЗО – 53 милијарди денари, што овозможи зголемување на капитацијата за општите лекари и гинеколозите за 33%, за стоматолозите за 23%, како и раст на платите во јавното здравство и условениот надоместок за иновативни лекови.

Мицкоски истакна и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата во здравствениот сектор.

„За првпат видовме обвиненија за тешки злоупотреби во онкологијата. Се истражува секоја злоупотреба, без исклучок. Таму каде што се работи за човечки животи, мора да има правда“, рече тој.

На крајот, премиерот посочи дека ФЗО влегува во нова фаза со подготвени нови проекти, стандарди и објекти кои ќе го подигнат здравството на европско ниво.

„Да продолжиме заедно со истата вера, дисциплина и цел, да изградиме здрав, стабилен и современ систем кој ќе го штити секој граѓанин“, заклучи Мицкоски.