На 10 пациенти им бил отворен градниот кош без медицинска потреба, откри Комисијата при министерството за здравство

Нов извештај од Министерството за здравство откри сериозни неправилности во кардиолошкиот и кардиохируршкиот сектор во земјава. Од вкупно 25 пријавени случаи за сомнителни интервенции, десет пациенти биле оперирани или упатени на операција без оправдана медицинска индикација, покажува специјалната комисија формирана по јавните обвинувања за злоупотреби во кардиохирургијата.

Контроверзите започнаа во август, кога кардиологот проф. д-р Сашко Кедев во гостување на „Канал 77“ предупреди дека во приватниот сектор се изведуваат непотребни срцеви операции заради профит. Веднаш по ова, министерот за здравство Азир Алиу назначи интерна комисија која ја истражува работата на сите болници што вршат кардиохируршки интервенции, како државни така и приватни.

Иако извештајот потврдува неправилности кај дел од пациентите, комисијата не откри кои болници се вклучени, ниту дали интервенциите претставувале ризик по живот, имало ли компликации, или какви биле трошоците за државниот буџет.

Следниот чекор, како што најавија претставниците на комисијата, е ангажирање тројца странски експерти кои ќе ги разгледаат сите случаи пред составувањето на финалниот извештај.

„Досегашните наоди укажуваат на неправилни упатувања и непотребно изведени операции. Продолжуваме со работа според утврдената методологија“, изјави кардиологот д-р Ненси Лозанче.

Министерот Алиу потенцираше дека ова е само прелиминарен извештај и дека конечните заклучоци ќе послужат за креирање нови здравствени политики.

Комисијата започна со работа откако во Фондот за здравство пристигнаа 25 пријави од болници и граѓани за сомнителни интервенции поврзани со коронарни и периферни васкуларни заболувања. Од нив, 19 случаи биле анализирани, а шест се препратени до Државниот здравствен и санитарен инспекторат за понатамошна постапка.