Директорката на Државниот архив, професорката Наташа Котлар Трајкова, вчера била разрешена од функцијата со едноставно телефонско известување од кабинетот на премиерот, без дополнително образложение.
Таа за Телевизија 24 изјави дека повикот го добила додека била на своето работно место.
„Од вчера точно во 12 часот и 4 минути ми се јави госпоѓа која се претстави како секретарка од кабинетот на премиерот. Информацијата беше многу кратка – дека од моментот на јавување веќе нема да бидам директор на Државниот архив“, изјави Котлар Трајкова за ТВ24.
Според неа, повод за разрешувањето е критичкото интервју што го дала во август за македонските иселеници во Австралија.
„Дознав во комуникација со претседателот дека мојот ‘најголем грев’ е тоа интервју“, додаде таа.
Котлар Трајкова вели дека дополнителна причина е и амбицијата на назначениот заменик-директор од ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе директорската позиција: „Од денот на моето именување почна една одисеја од психолошка тортура и секојдневни притисоци.“
Таа посочи дека за време на нејзиниот мандат се соочувала со бројни влијанија и опструкции, а политичката динамика во институцијата ја отежнувала работата.
Котлар Трајкова беше кандидат за градоначалник на Општина Центар на локалните избори во 2021 година од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.