Жителите на населбата Влае поднесоа 527 анкетни листови со забелешки за новиот Детален урбанистички план со кој се бетонизира населбата. Со планот кој го турка Општина Карпош се предвидува огромна 12-катница на местото на поранешно кино Влае, која ќе се гради и на државно земјиште. Зградата ќе се наоѓа и на сегашната улица Есперанто, која се преместува односно ќе се пробива веднаш до основното училиште Димо Хаџи Димов.
„Сфативме дека Општина Карпош е спремна да прави опструкции за граѓаните да не можат да ги искажат своите мислења и барања. Наместо да биде отворена и транспарентна таа овој пат одлучи да не дозволува да се поднесат анкетни листови во локалната Месна заедница и да ја ограничи анкетата на само 5 работни денови.Но и во овие 5 работни денови ние покажавме дека сме спремни да се бориме за она што е наше.
Лани во 30 денови поднесовме вкупно 770 анкетни, а според последниот архивски број што ни го испратија, овој пат, во 5 работни денови, поднесени се дури 527 анкетни листови“, велат од граѓанската група „Борба за Влае“.
Како што велат од „Борба за Влае“ Општина Карпош не ги прифаќа нивните две главни барања односно да не гради нова зграда монструм и објектите од јавен интерес да бидат без 40% комерцијална намена.
„Ако Општина Карпош сака да го донесе ДУП-от за жителите, како што тврди, нека ги направи овие корекции, советниците веднаш ќе го гласаат, а влаевчаните веднаш ќе изразат поддршка“, додаваа од „Борба за Влае“ кои сметаат дека планот го прават градежни мафијаши кои тераат бизнис интереси.