Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинение против едно лице, откако обезбеди докази дека тој се обидел да изнуди пари од градоначалникот на Општина Неготино и му ја загрозил сигурноста со серија закани.
Обвинетиот се товари за кривични дела „Изнуда“ (во обид) и „Загрозување на сигурноста“.
Според обвинението, на 2 септември, обвинетиот, со намера да прибави противправна имотна корист, му упатил сериозна закана на градоначалникот на Неготино. Тој се заканил дека ќе нападне по животот и телото на оштетениот и на неговото семејство, обидувајќи се да му изнуди сума од 3.000 евра. Градоначалникот не постапил по барањето и веднаш го пријавил случајот во полиција.
И покрај пријавата, обвинетиот не застанал тука. Во периодот од 4 до 18 септември, тој продолжил да испраќа заканувачки пораки до градоначалникот со намера да го вознемири и заплаши.
Освен до градоначалникот, дел од пораките ги адресирал и до официјалната електронска адреса на Општина Неготино, до адреси во Министерството за внатрешни работи, па дури и до новинари.
„Со тоа кај оштетениот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв и за сопствената, но и за безбедноста на неговото семејство и за безбедноста на граѓаните на Неготино“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител побарал од Судот да ја продолжи веќе определената мерка притвор за обвинетиот. Како причини се наведува реален ризик од бегство, бидејќи дел од неговото семејство живее во странство, како и околности кои укажуваат на опасност тој да го повтори делото или дури и да ги реализира заканите.
Обвинителството открива дека ова не е првпат ова лице да го напаѓа градоначалникот. Тој веќе е осуден за кривични дела „присилба“ и „демнење“ извршени врз истиот градоначалник, за кои му била изречена условна осуда. Бидејќи новите кривични дела се извршени во периодот на проверка, Обвинителството најави дека ќе побара условната осуда да биде отповикана.