Одложено рочиштето за случајот со прегазениот пешак на кејот на Вардар

Судењето на 25-годишниот Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола прегазил пешак на кејот на Вардар, е одложено поради здравствени проблеми на обвинетиот.

Љури, кој се наоѓа во притвор, се пожалил на болки во стомакот пред почетокот на расправата, по што бил повикан лекар од Брзата помош. Судечкиот совет оцени дека не се исполнети условите за одржување на расправата и го одложи рочиштето за 21 ноември.

На денешното рочиште не се појавиле ниту двајца сведоци – едната поради лоша психичка состојба, а другиот без оправдување.

Обвинителството го товари Љури за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и неукажување помош, бидејќи по несреќата избегал од местото на настанот. Пешакот Југослав Николовски (68) подоцна им подлегнал на повредите.