Негрижата за некои од најдобрите архитектонски решенија и белези на старото Скопје кои и онака тонеа во бранот на модернизмот, му ја одзеде душата на строгиот центар на градот.
Специфичната архитектура на Скопје ја сочинуваат и старите хотелски капацитети во центарот. Хотелите „Бристол“ на улицата „Македонија“ и хотелот „Јадран“ на улицата „Никола Кљусев“ кои не профункционираа по примерот на европските престолнини иако хотелскиот туризам е една од гранките кои имаат најголем раст во последните две децении, а овие зданија имаат туристички потенцијал.
Хотелот „Бристол“ годинава требаше да прослави 100 години од своето постоење, но е затворен со години. Тој се наоѓа во близина на старата Железничката станица и е крстен според истоимениот ланец хотели. Браќата Атанас и Ристо Караџа, кои биле ценети скопски трговци и угледни граѓани, го изградиле хотелот „Bристол” во 1923 година. Во собите вовеле и телефонски приклучоци, имале гаража со капацитет за неколку автомобили.

Познатата англиска писателка и патописец Сисилија Изабел Ендрус, позната под псевдонимот Ребека Вест, неколкупати ја посетила Македонија и престојувала во „Бристол“во периодот меѓу двете војни заедно со нејзиниот придружник Константин кој е протагонист во нејзината книга „Црното јагне и сивиот сокол”. Помеѓу нив се раѓа љубов, а огромниот орев во бавчата на хотелот кој фрла дебела сенка врз терасата на ресторанот е спомен на таа љубов.

Засадувањето на оревот и романтичната љубовна приказна убаво се опишани од нашиот писател Петре Бакевски, во неговиот роман „Црно јагне, див Балкан”.
Хотелот „Јадран“ пред да стане угостителски објект бил познат како „Арапска куќа„ и се наоѓа во строгиот центар на Скопје на малиот плоштад кој го носи неговото имет, сквер Јадран.
Градбата била дело на архитектот Иван Артемушкин, руски мигрант кој ја завршил во 1938 година, а ориенталната архитектура била сопственост на браќата Дикиџијан кои биле трговци со ерменско потекло познати по производството на свилени шамии во Скопје. Градската легенда вели дека Агоп Дикиџијан ја гради оваа вила како подарок за својата невеста Агавни.

Црвените ленти врз жолтата основа и прозорците со ориенталните прекршени лакови од далеку го привлекуваат вниманието на минувачите.

Порталот „Марх“ посветен на промоција на македонската архитектура, во својот текст посветен на анализа на архитектурата на „Арапска куќа“, ја споредува со слични делови со неколку исламски објекти низ светот. Венецот во форма на падобран во горниот преден дел на куќата е архитектура од Каиро и Северна Африка. Прекршените лакови карактеристични за исламската архитектура ги има и џамијата во Ибн Тулум во Каиро, Египет, изградена во 884 година. Црвените хоризонтални ленти на жолта основа се наведува дека се земени како инспирација од Големата џамија во Кордоба.

На балканските простори постојат два објекти кои со својата архитектура потсетуваат на андалузиската архитектура, позната и како мавританска преродбена архитектура или нова андалузиска архитектура. „Арапската куќа“ е токму едниот од нив, додека вториот е објект во Сараево. Станува збор за објектот „Вјеќница“, во кој е сместена Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина.

Поради својата архитектонска особеност, „Арапската куќа“ е прогласена за историски споменик на културата, а нејзиното последно преуредување е направено во 1989 година.

Објектите се релативно зачувани и имаат потенцијал да станат нова туристичка и хотелска атракција како сведоци на старото Скопје.
О.К