Се огласи турскиот министер: Се молам за нашиот пилот кој загина во трагичната несреќа

Турскиот министер за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли, изјави дека се пронајдени остатоците од противпожарниот авион на Генералната дирекција за шумарство на Турција, кој исчезна во Хрватска.

„Остатоци од противпожарниот авион на Генералната дирекција за шумарство, кој го загуби радиоконтактот во Хрватска, се пронајдени во близина на градот Сењ во Хрватска. Се молам за нашиот пилот кој загина во оваа трагична несреќа и изразувам сочувство до неговото семејство и најблиските“, рече Јумакли на турската платформа за социјални медиуми NSosyal.

Претходно, Министерството за земјоделство и шумарство соопшти дека е изгубен радиоконтактот со противпожарен авион на Генералната дирекција за шумарство на Турција за време на лет во Хрватска.

„Два противпожарни авиони AT802, кои припаѓаат на Генералната дирекција за шумарство, полетаа од Чанаккале во среда за закажано одржување во Загреб. Поради временските услови, двата авиона ја поминаа ноќта на аеродромот во Риека. Во четврток полетаа за аеродромот во Загреб, но поради лошите временски услови почнаа да се враќаат на аеродромот во Риека. За време на повратната рута, едниот авион безбедно слета на аеродромот во Риека, но радио-контактот со другиот беше изгубен“, објави Министерството на социјалната мрежа на американската компанија X.