Северна Кореја распореди дополнителни трупи за поддршка на Русија во војната против Украина, соопшти јужнокорејската разузнавачка агенција, цитирана од ДПА.
Јужнокорејското разузнавање објави дека повеќе севернокорејски војници се испратени на линијата на фронтот во областа Курск во Русија, иако нивниот број се уште се истражува, објави Јонхап.
„По едномесечно затишје, севернокорејските трупи беа вратени во областа Курск во првата недела од февруари“, соопшти разузнавачката агенција.
Јужнокорејските воени претставници изјавија дека имаат докази дека повеќе од 1.000 севернокорејски војници биле испратени во Русија оваа година.
Во средината на јануари, јужнокорејската разузнавачка агенција објави дека околу 300 севернокорејски војници биле убиени, а околу 2.700 биле ранети во борбите околу областа Курск.
Се верува дека Северна Кореја минатата година испратила околу 11.000 војници во регионот Курск, соопшти Јонхап. Оттогаш, јужнокорејското разузнавање е во тесна соработка со украинските разузнавачи.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските војници зазеле две села во областа Курск. Тие ги вратија селата Погребки и Орловка, северно од градот Суџа, во близина на руско-украинската граница, соопшти руското министерство.
Наспроти ова, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали своите војници за „добрите резултати“ во регионот Курск и ги пофали единиците на фронтот во регионот Доњецк за преземање контранапади против руските сили, пренесува БТА.
Ројтерс нагласува дека ниту Москва ниту Пјонгјанг не го потврдиле распоредувањето на војниците.