Следната недела ќе продолжат преговорите помеѓу СОНК и Образование за дополнително зголемување на платите. До денеска двете страни требаше да го договорат точниот датум кога повторно ќе седнат заедно на маса. Но од СОНК велат дека се уште чека да бидат контактирани од страна на Министерството за образование.
-Ние сме во редовна комуникација со еден од нашите најголеми партнери, Синдикатот за образование, наука и култура. Тие преговори ќе продолжат. Ние оваа недела го донесовме ребалансот на Влада, и во текот на следната повторно ќе продолжиме со преговорите за изнаоѓање решение за подобрување на материјалниот статус на сите вработени во основните и средните училишта, рече министерот Адеми.
Министерот повтори дека Владата има волја за дополнително зголемување на платите. СОНК му даде рок на Образование до крајот на овој месец да се најде решение, во спротивно просветарите ќе прогласат генерален штрајк.
Синдикатот од државата бара платите на просветарите да се зголемат сразмерно со растот на минималната плата во минатите две години. По најавите на надлежните дека ќе има ново зголемување на минималецот, од СОНК посочија дека согласно следниот раст, и нивните барања ќе се зголемат.