Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција го критикуваше поставувањето на докторот Александар Трајановски за потпретседател на СДСМ. Според него, ова е јасен доказ дека поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, и понатаму ја држи контролата врз партијата.
„Венко Филипче како верен послушник на Заев го прави тоа што неговиот ментор ќе му го заповеда. Поставувањето на Трајановски за потпретседател на СДСМ од страна на Филипче е еклатантен пример за тоа дека Заев ја води партијата во сенка“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека причината за напредувањето на Трајановски во раководството на СДСМ е нивното заедничко летување на грчките плажи, поточно на јахтата на Заев, каде што, како што посочи, уживале со пари што биле испокрадени од државата.
На прес-конференцијата беа прикажани и фотографии од летувањето на Заев, Филипче и Трајановски.
„Уживаа во парите што Заев и Филипче ги испокрадоа од државата, со што ги осиромашија граѓаните, кои преживуваа со едвај 150 денари“, додаде Манасиевски.
Според него, Филипче не се грижи за напредокот на СДСМ, па затоа поставува луѓе блиски до него и до Заев, како што е Трајановски, кој, како кандидат на СДСМ, ги загуби локалните избори во Општина Аеродром.
„Во недостиг на вистински кадри, Филипче става луѓе блиски до него и со Зоран Заев. Реформите што ги најави Филипче во СДСМ мора да почнат со негова оставка. Срамно е до каде ја доведе некогаш големата СДСМ“, заклучи Манасиевски.
Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, објасни дека назначувањето на Трајановски за потпретседател е дел од кадровското зајакнување на партијата.
„Тој е исклучително посветен на партијата. Имаше одлична кампања на локалните избори и привлече многу внимание. Сметам дека ова ќе биде значајно кадровско зајакнување на ова ниво на партијата“, рече Филипче.
Трајановски беше кандидат за градоначалник на Општина Аеродром, е специјалист ортопед и трауматолог, поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија и реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а досега беше член на Извршниот одбор на СДСМ.
Назначувањето на Трајановски доаѓа по оставката на Ана Чупеска, која поднесе оставка како потпретседател на партијата по вториот круг од локалните избори.