Унгарија ќе исплати 14-та пензија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека земјата ќе исплати 14-та пензија.

Во видео објавено на Фејсбук, Орбан објаснува дека одлуката следела по долга дебата за време на владиниот состанок во среда, додавајќи дека владата веќе работи на воведување на 14. пензија.

Владата, исто така, одлучи да ги зголеми платите во социјалниот и културниот сектор за 15 отсто, да ги удвои средствата за згрижувачките родители и да изготви акциски план за подобрување на условите за децата во државните домови за сираци.

Орбан, исто така, објави дека владата одлучила да го продолжи плафонот на профитот за основните прехранбени производи, додавајќи уште 14 ставки на листата.

Дарежливите социјални политики се карактеристични за унгарскиот лидер во предизборниот период. На парламентарните избори следниот април, Орбан ќе се соочи со централно-десничарската партија Тиса на лидерот на опозицијата Петер Маѓар, која води во повеќето анкети на јавното мислење.