Велешанецот Александар Анастасов – Прија е познат на македонската јавност преку своите авторски песни насловени како „Уште ми требаш“ и „Нема зима“, а неодамна се појави и во новата сезона на најпопуларното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“ кое во Македонија се емитува на телевизија Сител.
Во музичките води, Александар влегува уште на своја најрана возраст, но посериозно започнува да се занимава од 2015 година кога го формира својот бенд и започнува со настапи во локали ширум нашата земја. Покрај прекрасниот вокал, Александар одлично свири гитара, но има и специфичен прекар – Прија, за кој вели дека е фамилијарен прекар од неговиот дедо, кој потоа се префрла и на следните генерации стигнувајќи и до него.
По професија е дипломиран туризмолог, но музиката е во неговото срце и тој достојно ја негува. На прашање дали учествувал на домашни фестивали досега и дали добил награда за својот талент, вели „досега не сум се пријавил, па затоа и немам освоено награда – но ако се пријавам сигурно ќе ја добијам хаха“.
Во продолжение, уживајте со песните на Александар Анастасов – Прија.