Стружанецот Ердал Лушо започнува храбра и единствена мисија – сам ќе го преплови Атлантскиот океан со едрилица што ја направил со свои раце.
Лушо, кој цели 16 месеци ја градел својата едрилица „Пиксел“, е единствениот претставник од Македонија и еден од само осуммина натпреварувачи во светот кои се квалификувале за оваа екстремна прекуокеанска трка. Според строгите правила, секој учесник мора самостојно да ја изработи својата едрилица – без индустриска помош.
Трката започнува во Португалија, а крајната цел е Карибите – пат долг илјадници километри, кој треба да се совлада за околу 40 дена, исклучиво со сила на ветерот и прецизна навигација.
Во моментов, Лушо се наоѓа во Португалија, каде што трката требаше да започне на 11 ноември, но стартот е одложен поради лоши временски услови.
„По топлиот пречек во Лисабон, тргнавме кон Сагреш, каде што е стартната точка на трката. Поради невремето се засолнивме во Портимао и таму ќе останеме неколку дена за дополнителни подготовки“, сподели Ердал на својот Инстаграм-профил.
И покрај неколкуте технички предизвици, тој вели дека и тој и „Пиксел“ се подготвени за големото патување – авантура што ќе го впише во историјата како првиот Македонец што самостојно се впуштил во пловење преку Атлантикот.