Пешаците кои минуваат во близина на Порта Македонија се соочуваат со сериозна небезбедност – поради градежни работи и целосно раскопан тротоар, тие се приморани да се движат по коловозот, буквално меѓу автомобилите.
На терен се поставени само неколку сигнални столбчиња и црвено-бели ленти, но без јасно обележана алтернативна пешачка патека. Тротоарот е ископан и непрооден, додека сообраќајот е густ, особено во попладневните часови.
Овие услови создаваат ризик и за пешаците и за возачите, кои ненадејно се соочуваат со луѓе на коловозот.
Граѓаните реагираат дека токму во центарот на градот, каде дневно минуваат илјадници луѓе, мора да има безбедно и јасно уредено решение, барем привремена патека со заштитни прегради. Се очекува надлежните да интервенираат и да го обезбедат просторот додека траат работите.