Во Грција за новата учебна година ќе се затворат повеќе од 750 училишта бидејќи наглиот пад на бројот на раѓања доведува до недоволен број ученици.
Според напис на „Фајненшел тајмс“ пренесен во Грција, се затвораат повеќе од пет отсто училишта, и тоа не само во оддалечени села и на острови, туку и во Атина, каде што властите предупредуваат на „демографски колапс“.
„Училниците го одразуваат бројот на раѓања кој, за жал, со децении опаѓа во нашата земја“, изјави Софија Захараки, министерка за образование.
Според податоците на тоа министерство, бројот на ученици во основното образование е намален за повеќе од 111.000 во последните седум години, што е 19 проценти помалку во однос на 2018 година.
„Тој пад е многу брз“, рече Александра Трагаки, професорка по економска демографија на атинскиот Универзитет Харокопио.
Таа укажа дека денес во Грција има помалку луѓе во репродуктивна возраст отколку во претходните децении.
Оваа година, 766 од вкупно 14.857 училишта во Грција ќе бидат затворени бидејќи немаат минимален број – најмалку 15 ученици.
Повеќето се основни училишта, иако затворања има на сите нивоа на образованието.
Некои училишта може повторно да се отворат доколку бројот на ученици се зголеми во рок од три години, но во поголемиот број случаи тоа не се случува.
Исклучоци се островите блиску до Турција и пограничните подрачја, каде училиштата остануваат отворени дури и со мал број ученици, пишува „Фајненшел тајмс“.
Но, има и посебни случаи. На Псеримос, мало островче во Додеканезите, училиштето ќе биде отворено првпат од 2009 година за само две деца во основно и три во градинка.
„Ги одржуваме училиштата и со помалку ученици одошто тоа законски се дозволува – тоа е скапа одлука, но веруваме дека е неопходна“, изјави министерката Захараки.
Наглиот демографски пад во Грција започна за време на должничката криза од 2010-тите. Од 2011 година, бројот на починати постојано е поголем од бројот на родени. Меѓу пописите од 2001 и 2021 година, бројот на жени во главната репродуктивна возрасна група од 20 до 40 години е намален за 500.000, односно за 31 процент.
Во комбинација со иселувањето на Грците во странство во потрага по подобра иднина за време на кризата, тоа доведе до нагло намалување на бројот на потенцијални родители.
До 2022 година, годишниот број на раѓања падна под 80.000, додека во 2023 бројот на починати беше речиси двојно поголем.
Гркинките сега го раѓаат првото дете во просечна возраст од над 32 години. Наталитетот е намален на 1,35 – еден од најниските во Европа – а раѓањата надвор од брак сè уште се ретки.
Официјалните лица признаваат дека затворањето училишта има големо влијание, особено во селата, каде некои деца мораат секојдневно да патуваат и по 80 километри до училиште и назад.
Демографите велат дека е малку веројатно економските стимулации сами по себе да го променат трендот.
„Ниту едно дете нема да остане без пристап до образование, без оглед колку е нивниот дом оддалечен“, изјави министерката Захараки.
Други индустријализирани земји со силни системи на социјална заштита и висококвалитетна грижа за деца, како богатите Данска и Шведска, исто така се борат да ја зголемат стапката на наталитет, заклучува „Фајненшел тајмс“.