Застрашувачки сцени од местото на падот на авионот: Жртвите се идентификувани, едно нешто сè уште не е познато

Турски воен транспортен авион се урна вчера во близина на границата меѓу Грузија и Азербејџан, при што загинаа 20 турски војници.

Турското Министерство за одбрана ги објави имињата и фотографиите на жртвите, но сè уште не даде коментар за можните причини за падот на авионот Ц-130.

„Нашите херојски другари станаа маченици на 11 ноември 2025 година“, се вели во соопштението издадено во име на министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер.

Турските власти соопштија дека истражен тим за воен авион започнал со испитување на остатоците во 6:30 часот по локално време, во соработка со грузиските власти.

Авионот Ц-130, кој полетал од Азербејџан и се враќал во Турција, се урна, соопшти претходно турското Министерство за одбрана. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази длабоко жалење и им упати сочувство на семејствата на жртвите.

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, исто така, му изрази сочувство на Ердоган, нарекувајќи ја несреќата трагична загуба за турските војници и нагласувајќи ја солидарноста со Турција во ова тешко време, објавија турските медиуми.

Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека авионот се урнал во општината Сигнаги, во близина на границата со Азербејџан, и дека е започната истрага.

Американскиот C-130 Херкулес е воен транспортен авион со четири мотори, способен за полетување и слетување од неасфалтирани писти, наменет за транспорт на војници, товар и евакуација.