10 лица загинаа, а уште десет се повредени во престрелка во калифорнискиот град Монтереј Парк. Трагедијата се случи во студио за танцување, во близина на местото каде што претходно се собраа илјадници луѓе на локалниот фестивал за дочек на кинеската Нова година.
Полицијата се уште трага по напаѓачот, за кој се верува дека е маж. На местото на настанот пристигнале и агенти на ФБИ. Мотивите за злосторството не се познати. Во областа има засилено полициско присуство. Градот Монтереј Парк се наоѓа на 13 километри од Лос Анџелес.
Ендрју Мајер од полицискиот оддел во Лос Анџелес рече: „Кога нашите екипи пристигнаа на местото на настанот, видоа многу луѓе кои се обидуваа да побегнат од зградата врескајќи. Кога влегуваат внатре, полицијата наоѓа многу жртви. Екипите на противпожарната единица им укажале прва помош на настраданите и констатирале смрт на 10 лица кои починале на лице место. Најмалку уште десет беа повредени и пренесени во локалните болници во услови од стабилни до критични. Осомничениот го напуштил местото на злосторството и е во бегство“.