Македонија

14 лица приведени за пет дена по пријави за семејно насилство, МВР евидентирало 25 случаи

14 лица приведени за пет дена по пријави за семејно насилство, МВР евидентирало 25 случаи

Случаи на физички напади, закани, психичко малтретирање и вознемирување во семејни и партнерски односи биле регистрирани во повеќе градови низ земјава во првите пет дена од ноември. Министерството за внатрешни работи информира дека од 1 до 5 ноември 2026 година постапувало по вкупно 25 пријави за семејно насилство, при што 14 лица биле лишени од слобода и приведени.

Пријавите биле евидентирани на подрачјата на Скопје, Куманово, Кочани, Штип, Велес, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово, Берово, Струга, Кичево, Свети Николе и Струмица.

Од МВР информираат дека приведените се осомничени за физички напади, упатување закани и други форми на насилно однесување кон членови на семејството и сегашни или поранешни партнери.

Меѓу евидентираните случаи има напади врз сопружници, поранешни партнери, родители, деца, браќа и сестри. Полицијата постапувала и по пријави за психичко малтретирање, закани и вознемирување, но и за непочитување на претходно изречени судски заштитни мерки.

Во еден од случаите во Скопје, лице со остар предмет ѝ се заканувало на сопствената мајка. Во Тетово, пак, бил пријавен поранешен партнер за следење и упатување закани, при што не ги почитувал судските заштитни мерки.

Полицијата регистрирала и случаи на физичко насилство врз малолетници, како и закани и насилно однесување во семејниот дом. Дел од пријавите се однесувале и на непочитување решенија на центрите за социјална работа поврзани со остварувањето на видувањата со малолетни деца.

Од Министерството најавуваат дека по целосно документирање на настаните против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави и поднесоци.

МВР апелира до граѓаните да не премолчуваат семејно насилство и навремено да ги пријавуваат сите форми на насилно однесување за да можат надлежните институции да реагираат и да ги преземат потребните мерки.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни