Македонија

14-тиот роденден ФИНКИ го посвети на својот студент Спире Стоименов кој го загуби животот во пожарот во Кочани

14-тиот роденден ФИНКИ го посвети на својот студент Спире Стоименов кој го загуби животот во пожарот во Кочани

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денес ја одржа свечената промоција на дипломираните и магистрираните студенти за академската 2023/24 година, започнувајќи со едноминутно молчење во чест на жртвите од трагедијата во Кочани.

Настанот беше посветен на студентот Спире Стоименов, еден од 59-те загинати во пожарот, како и на четворицата повредени студенти – Ана Захариева, Анастасија Соколова, Јорданчо Ефтимов и Петар Стојменовски, кои сè уште се лекуваат.

– Нашиот драг колега Спире беше активен учесник во организацијата на претходните свечености за Денот на факултетот и пример за студент кој посветено придонесуваше за развојот и промоцијата на ФИНКИ. Оваа церемонија ја посветуваме на него – беше истакнато на отворањето на настанот.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, им порача на дипломираните да продолжат да се усовршуваат, но и да останат во земјава и да помогнат во нејзиниот развој.

– Вашата професија е барана и важна за иднината. Се надевам дека ќе одлучите да работите овде, каде што сте најпотребни – нагласи Јаневска, најавувајќи реформи во високото образование, вклучително и можност за гарантирано вработување на најдобрите студенти во јавните универзитети и научни институции.

Таа потврди дека ФИНКИ конечно ќе добие нов објект.

– Процедурата е во тек, и во рамки на овој владин мандат, зградата ќе биде завршена. Нашата цел е младите да добијат квалитетно образование и добри можности за работа во Македонија – истакна министерката, изразувајќи сочувство за загинатиот студент и желби за брзо закрепнување на повредените.

Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, информираше дека во минатата година дипломирале над 430 студенти, што претставува зголемување од 20%, а 20 студенти успешно магистрирале.

– Покрај квалитетно образование, ФИНКИ активно соработува со индустријата, обезбедувајќи практични знаења препознаени од компаниите. Продолжуваме со подготовка на идните инженери, поддржувајќи ја дигиталната трансформација на државата – истакна Јакимовски.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе бидат завршени зградите за ФИНКИ, со што конечно ќе се реши долгогодишниот просторен проблем на факултетот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни