Бројот на пожари на отворен простор во земјава продолжува да расте. Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 18 часот денеска се регистрирани вкупно 24 пожари, од кои 15 се активни, еден е ставен под контрола, а осум се изгаснати.
Најголем број активни пожари има во скопскиот, прилепскиот, кичевскиот, тетовскиот и струмичкиот регион.
Во општините Студеничани и Зелениково активен е пожарот на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, со крак кон Палиград и над Вражале, каде гори мешана шума. Пожар има и кај Цветово, на стариот пат кон Елово, каде се зафатени ниска вегетација и ниска шума.
Активни пожари се регистрирани и кај Горна Матка и Семениште во Општина Сарај, кај бензинската пумпа „Макпетрол“ – Драчево, на патот кон Китка, како и во месноста Видуш кај Драгов Дол и Локвица во Македонски Брод.
Во Кичевско гори високостеблеста букова шума во атарот на Тајмиште, во месноста Дарда. Пожари има и кај Ломница и Ѓурѓевиште во Врапчиште, кај Церово во Маврово и Ростуше, како и кај Церово во Општина Желино.
Активен е и пожарот кај тетовското село Бродец, каде гори шума.
Во прилепскиот регион пожари има кај селата Бонче, Мажунчиште и Мало Коњари, како и во близина на „Орион Инженеринг“. Зафатена е претежно ниска вегетација и нискостеблести растенија.
Посебно активен пожар е регистриран и на подрачјето на Општините Струмица и Василово, кај Водоча, Баница и Софила, како и кај Ангелци и Градашорци. Таму гори стрниште и ниска вегетација.
Еден пожар е ставен под контрола – кај прилепското село Чаниште, со краци кон Крушевица, Лопатица, Дуње и Црна Река.
Во текот на денот се изгаснати осум пожари. Меѓу нив се пожарите кај Доленци во Битолско, депонијата во Делчево, градските гробишта во Штип, Велешта во Струга, Никуштак во Липково, Стари Лозја во Куманово и овоштарникот со вишни во месноста Мерата во Валандово.
Од ЦУК информираат и дека кај селото Белушино во Крушевско пожарот повторно се активирал, додека кракот кон Јакреново е ставен под контрола. Зафатени се ниска вегетација и дабова шума.