Македонија

„35 години потоа…“: Платформата за промени во СДСМ најави нова трибина

„35 години потоа…“: Платформата за промени во СДСМ најави нова трибина

Иднината на македонското општество и политичкиот систем ќе бидат во фокусот на новата трибина што ја организира Платформата за промени во СДСМ на 26 септември.

Настанот, насловен „35 години потоа…“, ќе започне во 12:05 часот, а разговорот ќе го модерира проф. д-р Игор Ивановски. Трибината е посветена на 35-годишнината од независноста на Македонија.

Како што е најавено, учесниците ќе разговараат за развојот на земјата од прогласувањето на независноста до денес, со посебен фокус на клучните предизвици, направените грешки и постигнатиот напредок.

Меѓу темите се и функционирањето на политичкиот систем, потребата од промени и создавање нови политики, како и лекциите што може да се извлечат од изминатите три и пол децении.

На трибината ќе биде отворено и прашањето за можен „нов општествен договор“, кој организаторите го поврзуваат со идниот развој и враќањето на земјата на, како што наведуваат, „стратешкиот колосек“.

Во најавата се поставуваат и повеќе прашања за состојбите во политиката и општеството, меѓу кои зошто политичките генерации не успеваат да одговорат на предизвиците, зошто поделбите и натаму се присутни и дали постои политичка волја и капацитет за подлабоки промени.

Од Платформата најавуваат дека на разговорите ќе се применува принципот на „Chatham House Rule“, со цел учесниците слободно да ги разменуваат ставовите во атмосфера на доверба.

Платформата за промени во СДСМ во изминатиот период организира повеќе јавни дебати и активности, во кои учествуваат актуелни и поранешни функционери на СДСМ. Во јули беше организирана и дебатата „Разговори за иднината во 12:05“, која ја модерираше Игор Ивановски.

Од Платформата порачаа дека со активностите ќе продолжат со цел отворање дебата за иднината на партијата и на македонското општество.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни