Професорите Методи Хаџи-Јанев и Александар Нацев вчера дебатираа во „Клик Плус“ на ТВ21 околу ситуацијата во Украина и нападот од страна на Русија.
На прашањето колку ескалацијата во Украина ќе влијае на Македонија, двајцата професори беа едногласни дека во безбедносна смисла ќе немаме проблеми, но дека економски ќе настрадаме и дека ќе бидат качени цените на сите производи.
„Најлошиот курс на акција е доколку би тргнал тотален конфликт, ние бидеме поле за маневар за било која од силите. Ако се влезе во конфликт со НАТО, би дошла некаква можност за огромен маневар, но тоа е многу мал процент. Но она што ќе не погоди на нас и целиот свет криза во енергенсите, поскапување на се, можно влијание врз монетарната политика, но дефинитивно е дека Украина е голем снабдувач со храна на арапскиот свет“, рече Хаџи-Јанев.
„Безбедносната состојба ќе остане стабилна. Економски ќе имаме последици, затоа што сме веќе во енергетска криза. Факт е дека сме зависна земја од рускиот гас, и дека набавуваме само таков гас и дека постојано подигнување ќе има рефлексија врз нашата економија, и тоа ќе биде најголемиот предизвик, дека можеби економски ќе настрадаме во оваа ситуација“, изјави Нацев.