Луѓето (во Буча) беа пукани на улица, во нивните домови, фрлани во бунари и скршени од тенкови на сред пат само за задоволство на руските војници. Ова во видео-конференција пред Советот за безбедност на ОН го изјави украинскиот претседател Зеленски.
Причина за вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН е убиството на цивили во Буча.
Според Зеленски, во Буча нема ниту едно злосторство што тие (руските војници) не го извршиле.
Тој додаде дека акциите на Русите се многу слични на оние на терористичката група Исламска држава и дека пропагандата на претседателот Путин се обидува да ја шири сопствената омраза во други земји надвор од Украина.
„Каде е безбедноста што Советот за безбедност мора да ја обезбеди? Каде е мирот? Каде се гаранциите што ОН мора да ги гарантираат?“, прашува Зеленски.
Тој вели дека светот допрва треба да види какви дополнителни воени злосторства можеби извршила руската војска во делови на Украина, освен наводните убиства во Буча.
„Географијата можеби е различна, но суровоста е иста, злосторствата се исти и одговорноста мора да биде неизбежна“, додаде тој.
Зеленски ја повика Русија да преземе одговорност, велејќи дека мора да се соочи со меѓународен суд сличен на оној во Нирнберг по Втората светска војна.
Масакрот во Буча е само еден од многуте примери за тоа што Русија го прави во изминатите 41 ден, додаде тој.
Зеленски го повика Советот за безбедност на ОН да ја исклучи Русија.