Македонија

Кривичен бара автентично толкување на Законот за СЈО, Џафери: Врховен суд ги презело надлежностите на Собранието

Јавниот обвинител  Љубомир Јовевски го чека дописот од Кривичниот суд кој најави дека ќе бара Основното јавно обвинителство да се произнесе околу надлежноста на Специјалното јавно обвинителство,   но и да иницира автентично толкување на Законот за СЈО од Собранието. За Тв 21 од Обвинителството информираа дека дописот се уште не го добиле, а откако ќе го добијат, ќе донесат одлука како ќе постапат. Колегиумот на Кривичен на синоќешната седница го разгледувало начелното правно мислење на Врховниот суд во кое се вели дека СЈО немало надлежност да води нови предмети по рокот од 18 месеци од приемот на бомбите, односно од 30 јуни 2017-тата.

„Колегиумот на судии при Основниот суд Скопје 1 донесе заклучок да се обрати до јавниот обвинител Љубомир Јовевски со барање да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од СЈО. Воедно судот бара државниот јавен обвинител да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието на Македонија, бидејќи само законодавецот може да даде автентично толкување на законите.“ – Кривичен суд

Претседателот на Собранието Талат Џафери во емисијата на Тв 21 Клик плус истакна дека Врховниот суд ја презело надлежноста што му припаѓа на парламентот.

И поранешната судијка на Врховен суд Маргарита Цаца Николовска потврдува дека Собранието е тоа што треба да го толкува законот за СЈО, а не Врховен суд.

„Врховниот суд во дадената ситуација не е тој кој што во дадената ситуација преку барањето на адвокатите е надлежен да постапува и дека во таа насока ако има некаков проблем треба да се бара или автентично толкување на законот од страна на Собранието ако е проблем толкувањето на законот или ако е проблем законот од аспект на квалитет да оди пред Уставен суд. Ако некој смета дека со ова начелно мислење одредени лица ќе бидат ослободени од кривична одговорност, тоа би било катастрофа за Македонија.“, изјави Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Врховен суд.

Поранешната судијка Вера Коцо вели дека мислењето на Врховен суд ќе има влијание врз судиите.

„Ова мислење е донесено од највисокиот суд во државата и ќе има влијание врз пониските судови во смисла на прејудицирано решавање на споровите кои што следат. Ниеден судија нема да се осмели освен ако, дозволете има и судии со интегритет, да размислуваат поинаку од она што е кажано во тоа мислење“, изјави Вера Коцо, поранешна судијка во Уставен суд.

И вчера Насер Рауфи, адвокат на обвинетите од случајот Монструм кој СЈО го презеде во февруари минатата година изјави дека обвинителството на Катица Јанева треба да ја има надлежноста поради тоа што ги има прислушуваните разговори. Покрај Монструм СЈО отвори уште неколку случаи по 30 јуни 2017 и тоа Империја во која главно обвинети се Сашо Мијалков и Орце Камчев, потоа Талир но и предмети во кои се спомнуваат и лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Бујар Османи.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни